Ексклузивности, актуелности и медиум од доверба!

Ало, една Тамара, итно!

0 54

Веднаш да кажам дека насловот е „позајмен“ од ФБ-пријателка имењачка. Во една реченица го изрази сето она за што мене ќе ми треба колумна. „Евровизија“, беше и помина, но нам ни остана прашањето за (зло)употребата на Тамара. Да се разбереме, „Евровизија“ не е ништо друго освен скапо шоу од кое заработуваат сите, вклучувајќи ги и телефонските оператори (за Мадона и да не зборувам) – освен даночните обврзници.

Не станува збор за уметност, за музика, за стил или за „градење мостови“ – туку за пари, пазар и политика. Тоа што патем ќе ни протнат некој дел од најновата агенда на идентитетската политика, па на мала или голема сцена ќе промовираат некоја ен-џи-о агенда, е другиот колатерален дел на циркусот. Турбокапитализмот почива на еден сложен воено-индустриски политичко-забавен комплекс, кој истовремено нуди и сенародна забава (игри наместо леб) и теза дека војната е мир, а мирот е војна. И за чудо, им успева! Среде Израел, земја одговорна за системски злосторства врз палестинското население, земја во која под отворено небо постои концентрационен логор, се пееше и зло не се мислеше.

Палестинските уметници и музичари организираа паралелна „Газавизија“, но фанфарите и лајт-шоуто во Тел Авив ги засенија, исто како и протестите на феминистичките и анархистичките движења, кои порачуваа „Обиди се да сонуваш – за слобода“ и „Нема гордост во апартхејдот“. Бизарно, но нашата песна го носеше токму називот „Горда“.

Тамара беше горда: успеа умешно да не го види злото во Палестина, а и политичките дарови за крштевката на Северна си ги припиша себеси и на својот „вокал“. Но, веќе наредниот ден, Би-би-си ја плесна вистината в очи: во статија напиша дека Македонија конечно се изборила да си избере ново име, а Тодевска го афирмирала достојно со својот силен настап.

Се разбира, политичкиот пазар не е ист со оној на гледачите-гласачи, па Северна Македонија остана со утешна награда: влез во финале и „одличното“ осмо место! Целата еуфорија, особено изразена кај политичката каста (вклучувајќи ја и опозицијата, која не смее да си дозволи луксуз да не биде ентузијастичка пред меѓународните ментори), е патетична. На што ли се горди, се прашува човек? Оптимистите и прогресивците сакаа да веруваат дека песната била напредна, феминистичка и оснажувачка песна, а стварноста е дека стануваше збор за песничка приспособена на модерните „идентитетските шаблони“, кои се користат во духот на славење на глобализацијата и човековите права.

Ова требаше да биде вин-вин ситуација, баш како и Преспанскиот – низ призма на пазарџиите што тргуваат во стилот „алваџија за бозаџија“ (додуша Србите ни се налутија, ама со Албанците сме си таман, а Грците пуштија срце со еден бод во духот на новото пријателство). Вака или онака, „Евровизија“ успеа за извесно време да ги дефокусира и забави народните маси, кои за миг забораваат на тоталниот морален, социјален, економски и политички колапс во кој живеат. За волја на вистината, но сосема очекувано, обединувањето околу „нашата песна“ не успеа сосема, бидејќи за добар дел од граѓаните пеењето под ново име со „гордост“ беше ставање сол на отворена рана (без оглед на содржината на зборовите и љубовта на мајката кон ќерката).

Паднаа и тешки зборови, особено за сметка на дијаспората, за која една од највлијателните политички ТВ-новинарки/уреднички побара од ДИК да ги избрише од избирачкиот список затоа што биле скржавци и не помогнале во победата на Тамара Гордата. Објективно, славење влез во финална вечер на „Евровизија“ потсетува на веќе видени политички финти: доделување државни ордени на спортисти што не освоиле медали, ама предизвикале еуфорија кај среќното граџанство, и второ, продаваш име за да добиеш датум за преговори со ЕУ (а не за членство) – и извисуваш.

Кулминацијата, или поточно антиклимаксот на евровизиското патешествие, беше изјавата на Тамара дека ќе била голема грешка доколку со парите наменети за нејзиното учество сме купеле амбулантни возила. Не вреди да се коментира дрскоста на пејачка, која смета дека светот чекал таа да нѐ прослави, односно дека се небитни сите поети, писатели, уметници, режисери, оперски пејачи, научници итн. Но, несфатлива е громогласната тишина во јавноста.

Како е можно да се заборави сето она за што (наводно) се бореа овие што сега ја слават оваа Тамара? Пред само неколку години протестираа и обвинуваа за убиство во здравствен систем без етика и способности. Како стигнавме од таа Тамара до оваа, како е можно министерот што беше нарекуван убиец да е сега амнестиран светец? Изјавата за тоа дека би било штета да се фрлаат пари за амбулантни возила кога можат да се употребат за „Евровизија“ претставува само брутално јасна илустрација за тоа како е затворен кругот: од едната искористена и заборавена Тамара до другава „северна ѕвезда“ со име Тамара. Оваа изјава помага да сфатиме дека „чудесно“ сме се нашле на почетната точка! Сѐ е сменето за ништо да не се смени.

Всушност, денес здравството и не мора да се персонифицира и симболички да се врзува за име на еден пациент. Тоа се прави само за време на „револуции“. Денес пациентите на здравствениот систем, кој пропаѓа со брзина на светлоста, се безимени и сведени повеќе на статистика отколку на прашање за хуманизам и општествена грижа.

Велат дека „метлата“ немало да го потфати министерот за здравство, но пострашно од тоа е сознанието дека дури и да го „реконструираат“, тоа нема да ја смени општата слика на беда и смрт. Здравствениот сектор е само плен за уште едно „јавно-приватно партнерство“. Тој отсекогаш и бил гледан како ресор во кој се акумулираат многу буџетски средства, па затоа бил и атрактивен при поделбата на владиниот колач. Тој сега носи можност за профит и за медицински туризам за пациенти од соседните држави.

За мојата генерација е несфатливо во 21 век да се соочуваме со епидемија на морбили, па и да дебатираме дали децата треба да се вакцинираат! Но, младите родители ми објаснуваат дека вакцинирањето станало ужасна морална дилема за секој од нив, затоа што не им веруваат на здравствените власти, кои купуваат најнеквалитетни вакцини (по пазарна/тендерска логика), за да се заштити, а патем и да се заработи. Затоа, велат, си купуваат вакцини приватно.

Дојдовме до тоа дереџе да се затвораат болници затоа што медицинскиот кадар се заразил од морбили (што значи дека како деца овие луѓе не биле прописно вакцинирани!); да се резонира дека дури и да има доволно амбулантни возила нема медицински персонал бидејќи сите што можеле заминале надвор од земјата. За оваа владејачка каста, која политиката ја гледа само како можност за богатење, всушност, сите ние сме само товар.

На детската заштита се штеди, дури и за елементарни потфати како вакцинирање, а да не зборувам за оние што државата ги осудува на смрт ако боледуваат од ретки болести. И ние старите сме товар за оваа држава, тоа ни го кажаа квазилевичарите кога се удомија во Министерството за финансии: било глупаво да вложуваш во стара популација, и било подобро да се вложува во попрофитабилни нешта. Ако мислите дека е ова уникатно и се случува само во Македонија, многу се лажете. Нашиве само ги следат рецептите од развиените земји.

Ние во неразвиениот социјализам имавме подобра, попрофесионална и посеопфатна здравствена заштита од секоја држава од која сега учиме како треба да се помират интересите на бизнисот и општото добро. Мнозина се прашуваат дали го изгубивме базичното чувство на хуманост и станавме општество на „секој поединец за себе“, како знае и умее, и колку што може – толку.

Индустријата на забавата служи како опиум, за анестезирање на луѓето што инаку би паднале во очај, или уште пострашно (за власта) би се дигнале на нозе. Комодификацијата го зафати и здравството (здравјето станува стока и се добива по одредена цена), исто како што е тоа случај и со смртта (но за тоа, во друга колумна).

Доминантната мантра на капитализмот е дека цената за грижата на тешко болните, старите и изнемоштени лица е превисока и непрофитабилна. Но во процут е една друга индустрија, која секојдневно преку реклами нуди неверојатни продукти за долг и здрав живот, и ги решава буквално сите здравствени проблеми и без лекари.

Нуди чудесни препарати, кои инаку не ви ни требаат, но ќе ве убедат дека ќе ви помогнат бидејќи на јавниот здравствен систем не можете да му верувате, а приватниот е прескап. Во тишината во која живееме зачудува и молкот на медицинската фела, која смета дека треба да молчи и да ги слуша политичарите-бизнисмени, да се задоволува со трошки и да верува дека тие знаат што прават. Кој пее зло не мисли…

Напиши Одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.