23 C
Штип
19/06/2019 | 20:56
АПЕРКАТ.МК
Колумни

Време е да созрееме или ќе исчезнеме!

Ајде да направиме услови власта да го слуша народот. И тоа да биде обичај а не само кога има избори! На нас како просечни граѓани ни недостасува сликата за да ја видиме целината. Каде се движи нашата земја, што се случува со нас, некако како скршено огледало е глетката! Цело време слушаме за некакви афери, некакви инциденти и сето ова е како крошна од дрво кое ја блокира глетката од шумата. И ова апсолутно не одговара со суштинската реалност.

Ајде да размислуваме слободноумно и да видиме што е тоа што не спречува да бидеме подобри од тоа што сме. Ајде да пробаме да ги лоцираме пречките и што треба да направиме за да ги совладаме истите, за да одиме побрзо по патот кој што е трасиран и по моето мислење- вистински.

Дали имаме право да кочиме некои обиди за реформи, дали имаме право да се делиме и да се клеветиме?!

Господа политичари, нема гаранција за ништо, вие моментално немате гаранција, вие имате шанса, која може да биде прокоцкана уште утре. Со тоа и да паднеме уште во подлабока криза!
Тоа што мене ме загрижува е дали се има чувство за сериозноста на ситуацијата помеѓу политичките врвови, без разлика на позиција или опозиција, чувството за итност за реални реформи?!

Доколку сакате напредок, престанете да прашувате колкава ќе ви е платата, колку проценти од тендери би зеле, дали ќе имате привилегии од јадење по кафани или вработување на блиските, а за лечење на комплекси не ни помислувајте.
Но, секако формулата за „перење“ ја знаеме, кога и да погрешиме нешто самите, ќе ја префрлиме вината на светската завера против нас, на чело со „лошите“ Руси и Американци.
А никако не ни текнува да погледенеме во нашите редови, во нашите грешки што ги правиме. Ајде да пробаме да си ја напишеме барем еднаш домашната задача без грешка, па тогаш да видиме дали професорот не мрази!

Господа политичари, вие сте големи и треба да знаете дека светот е сурово место и никој не сака никој. Секој се сака самиот себе… Ние од ГДУ бараме од вас, ајде и ние да се сакаме самите себе, како што и другите држави се сакаат, па да видеме кој ќе биде поуспешен.

А дали некој друг ни е виновен што не се сакаме или самите сме си виновни?!
Ајде да видиме какви потенцијали има Македонија. Ајде нека дојдат вистински луѓе на правите места!

За успех на државата и вашите работни ангажмани за кој сте се нафатиле да ги работите, не треба да има сабота, недела или празници. Нема празнување или чочеци во тунел. Во развиениот и нормален свет, нема време за тоа. За да може народот да празнува вие треба да работите. А до сега е обратното.

Не е се до сликањето и правење приказни по медиумите за тоа колку сте успешни и колку работите. 27-те години се најголемиот доказ за сработеното досега. Ако навистина ја имате целта пред вас, да ја донесете Македонија помеѓу развиените и богатите земји, почнете да работите вистински на таа возвишена цел. Но за тоа нешто не е потребна само „метла“, потребен е и „хирушки нож“ и знајте го тоа дека секоја една жртва е мала во споредба со таа висока цел.
Ве молиме засукајте ги ракавите и исчистете си го домот. Бидејќи тој што не си го чисти сам домот, обично му го чистат други или е принуден да го исчисти откако сите ќе видат колку е валкан.

Кои се препреките да способните луѓе добијат убави места, која е препреката да се направи итна департизација на системот?! До кога ќе имаме наследени проблеми и образложенија дека тоа е од предходната власт?! Па баш поради тие нешта таа власт не е повеќе власт, а вие сте донесени да испорачате резултати и реформи.

Дали државната политика е поставување на послушни ограничени умови, за да не може никогаш да те смени и да се заврти против тебе?!

На конкурсите се примаат кумови, браќа, сестри…
Дали знаете дека немилосрдно го трошите најголемиот потенцијал на државата а тоа се луѓето и нивното знаење?!
Најголемиот потенцијал се луѓето во секоја земја. Има земји кои имаат огромни ресури, имаат и злато и нафта и пак се сиромашни, бидејќи луѓето не се способни и се со пониско ниво на свест. А има земји кои немаат никакви ресурси но се богати, но луѓето како најскапоцен ресурс се на друго ниво.
Ајде господа политичари, мотивирајте ги луѓето кои останаа во нашата земја, да ги покажат своите потенцијали кои се блокирани поради политиката. Не се најпаметните луѓе во политиката, напротив, многу попаметни се тие што не се занимаваат со никаква политика и не сакаат да бидат затворени во шаблон на уредување на политички организации од 19 век.

Мораме да надоместиме што е изгубено 27 години. И немаме време. Сепак постојат два типа на луѓе- првите бараат решение за секој проблем а вторите бараат проблем за секое решение. Погодете кој сте вие а кој сме ние.

Ние од ГДУ веруваме во еден нов пристап на политиката, можеме да најдеме заеднички интереси каде што сите можеме да добиеме. Има толку многу работи што може сите да ги добиеме со соработка.
Веруваме дека ние треба да научиме од Европа како 28 нации функционираат беспрекорно, различни вери, различни нации, кои што војувале со векови, сега функционираат како едно и живеат во просперитет, мир и заеднички го градат нивниот дом, Европа. Ако од ова нешто не научиме, тогаш ние не ја ни заслужуваме Европа како наша цел. И ќе продолжиме да си се делиме на ВМРО, СДСМ, Албанци, Македонци и уште какви не! Овцата плашејќи се од волкот, најчесто ја јаде овчарот!

Ние од ГДУ, никогаш нема да играме на картата на различностите и покрај тоа што знаеме дека на таа карта најмногу гласови се добиваат. Исто така нема да се занимаваме со конфликтна политика и со измислување на вештачки непријатели!
Ние не веруваме во непријатели, туку веруваме во соработници и партнери.
До сега лесно се обединувавме против самите нас, ајде да се обидеме да се обединиме за прв пат за нас!

Доста живеевме во минатото , време е да почнеме да живееме во иднината!

Слични статии

Се вчитува....