Ексклузивности, актуелности и медиум од доверба!

Легендата се врати дома: Френк Лампард е нов тренер на Челзи

0 117

Најавите кои траеја повеќе од три недели конечно се материјализираа, па сега е официјално: клупската легенда Френк Лампард се враќа во Челзи, овојпат во улога на тренер. Тој на клупата го наследува Маурицио Сари, кој минатиот месец замина во Јувентус.

Еден од најголемите играчи кои некогаш заиграле на зелениот тепих на Премиер лигата денеска беше претставен како нов тренер на Челзи. Френк Лампард потпиша тригодишен договор со „сините“ од Лондон и во наредната сезона го чека неверојатно тешка задача.

Назначувањето на Лампард како нов тренер на Челзи беше само прашање на време. Порано или подоцна, сите знаеја дека популарниот Френки ќе добие шанса да седне на тренерската клупа во синиот дел од Лондон, но малкумина можеа да предвидат дека тоа ќе се случи во ваков момент, кога клубот е под забрана за трансфери, а притоа го изгуби Еден Хазард – нивниот најдобар играч во последните пет години.

„Неверојатно сум горд што се враќам во Челзи како тренер. Сите знаат за мојата љубов кон клубот и историјата која ја кроевме заедно. Мојот фокус е ставен на сезоната која е пред нас. Тука сум да работам напорно и да донесам успех и едвај чекам да почнам со работа“, изјави Лампард.

Во изминатата сезона Френк Лампард го предводеше тимот на Дерби Каунти во Чемпионшип лигата и успеа да го однесе со пласман во плејоф-финалето, кое го загуби од Астон Вила. И покрај тоа, Лампард се наметна како еден од најдобрите млади тренери на Островот и првиот впечаток е дека работата во Челзи ја доби сосем заслужено.

Напиши Одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.