Ексклузивности, актуелности и медиум од доверба!

Перо Антиќ: Не се плашам од неуспех, туку ги сакам предизвиците!

0 37

Македонската кошарка се подготвува за Изборното собрание, на кое ќе се гласа за прв човек во „куќата на кошарката“. Засега, јавно своите кандидатури ги истакнаа двајца кандидати, а еден од нив е Перо Антиќ, македонската кошаркарска легенда и најтрофејниот наш кошаркар надвор од границите.

Разговара: Мартин Танасковски

Некогаш ги водеше тимовите на Олимпијакос и Фенербахче до европска круна, а сега, крилниот центар ќе води борба да ја врати кошарката онаму кадешто ѝ е местото. Во интервју за Gol.mk, Антиќ истакна дека ја има поддршката од јавноста и клубовите и дека со сите кошаркарски работници разговарал во четири очи и им ја презентирал својата програма.

„Сите клубови се испочитувани од наша страна. Кај скоро сите тропнавме на вратата, се видовме во четири очи и им го презентиравме нашиот план за овој спорт кој во изминатите години не е на посакуваното ниво. Знаејќи ја нашата програма, мислам дека сите ќе бидат во „вин-вин“ ситуација и дека заедно ќе имаме добра шанса да се бориме да го вратиме овој спорт онаму кадешто му е местото“, започна Антиќ во интервјуто.

Легендата вели дека веќе се разгледуваат и првите чекори ако се влезе во „куќата на кошарката“. Прво, ќе треба добро да се провери состојбата на Федерацијата, а доколку се дојде на чело на мак-баскетот, во првите месеци тимот ќе се посвети на основните работи.

„Тешко е да се каже веднаш кои би биле првите чекори. Но, дефинтивино, тоа ќе биде проверка на Федерацијата, односно во која состојба е се во „куќата на кошарката“. Тоа би било буџетот, основните работи за функционирање и слично. Ќе гледаме да најдеме добри партнери, за да застанеме на здрави нозе, па потоа ќе се посветиме на тренерите, А-репрезентацијата и така натаму. Ако дојдеме со мојот тим на чело на кошарката, а се надеваме дека ќе дојдеме, ќе работиме со полна пареа за се да биде стабилизирано во најбрз можен рок“, додава Антиќ.

Засега, нема да има промени во тимот на Перо Антиќ, кој ја започна својата кампања рамо до рамо со уште една легенда – Тодор Гечевски, а до нив е и поранешниот кошаркар Бојан Георгиевски.

„Засега, овој е тимот што ќе работи со мене. Ќе има можеби и проширување во иднина, сметаме на сите кошаркарски легенди и кошаркарски работници кои ќе сакаат да подадат рака, за заедно да ја вратиме кошарката на врвот во Македонија“, открива некогашниот репрезентативец.

Приорет на Антиќ ќе биде добрата работа во младинските селекции од каде се „црпи“ материјалот за иднина. Исто така тука е и А-селекцијата, која некогаш играше на Европските првенства, а сега се мачи да дојде до големиот собир преку претквалификациски циклуси.

„Прво нешто сигурно ќе ни биде работата со младите и А-селекција. Тие се според мене најважните. Има за сите тие работи подточки во програмата. Најважно ни е да ја издигнеме А-селекцијата. Со тоа ќе добиеме многу, затоа што место погоре на кошаркарската мапа, го крева рејтингот и носи константно натпреварување со големите репрезентации. Но, тука ќе треба и клубовите сами да работат малку повеќе во своите школи. Ние ќе се потрудиме да донесеме добри тренери, кои ќе држат семинари и ќе ги едуцираат сите работници. Мора да се работи со младите пред се. Што се однесува до странците, мора да има и странци во нашата кошарка, ќе си остане правилото како што е, но сакаме приоритет да имаат „домашните“. За таа работа, повеќе може да објасни мојот соработник Тодор Гечевски, затоа што тој ќе биде задолжен за таа функција“, истакна Антиќ.

Антиќ со својот тим најавува дека нема да биде како сите претходници, туку клубовите ќе имаат отворени врати и дека во Федерацијата ќе може да тропне за разговор секој што ќе посака, а е инволвиран во кошарката.

„Она што ќе не разликува од претходните раководители е што сите ќе имаат отворени врати кај нас. Ќе бидеме достапни за сите спортски работници, во овој случај кошаркарски, како што не било претходно. Нема да има негативности меѓу нас, нема да има нервози и препукување, туку сите заедно ќе бидеме едно и ќе создадеме една добра атмосфера, во која ќе биде се за и околу спортот. Ништо настрана“, открива Антиќ.

Како што ќе се работи во машката, така ќе се работи и во женската кошарка. Антиќ најавува дека цел ќе биде да се подигне нивото на работа во сите селекции, за Македонија да има кошаркари и кошаркарки кои достојно ќе не претставуваат во Европа.

„Женската кошарка за разлика од машката е на далеку пониско ниво. Но, тоа не значи дека нема да се посветиме на неа и дека ќе ја заборавиме. Сакаме да ги издигнеме сите сектори нагоре, пред се нашата кошарка на клупско и репрезентативно ниво. За да добиеме добар прозивод, кој ќе не претставува индивидуално како во репрезентацијата, така и низ клубовите во Европа. Не може да кажеме дека нема да се псоветиме, сепак, се работи за еден целосен проект“, открива Перо.

Една кошаркарска легенда, во името на Владо Илиевски, не успеа да донесе смена во МКФ на Изборното собрание пред една година. Антиќ е второто звучно име од мак-баскетот кое ќе се обиде да го детронизира Петар Наумоски, исто така кошаркарска легенда, но крилниот центар не се плаши од неуспех.

„Не ме плаши неуспехот ни најмалку. Предизвик е оваа борба за кошарката. Во мојата кариера сум имал многу предизвици, впрочем, за тоа сме работеле цел живот, за да успееме во нашите намери и она што сме го зацртале како личности. Мислам дека нашата програма и поддршката од другите држави, доволно говори дека знаеме што правиме. Ма да, кај нас е докажано дека некогаш дури и ако имаш поддршка од најдобрите, може пак да не победиш. Но, не се плашиме од ништо“, заврши македонската легенда.

Изборното собрание во Македонската кошаркарска федерација (МКФ) е закажано на 15 мај. Досега, покрај на Антиќ, најавена е и кандидатура на Владимир Темелковски, спортскиот директор при МКФ, а исто не е исклучена можноста во последен момент во трката да влезе и актуелниот прв човек на федерацијата, Петар Наумоски.

Напиши Одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.