Ексклузивности, актуелности и медиум од доверба!

Утре стартува „Рекет“, можни се изненадувања во судница

0 97

На обвинителна клупа, утре во Кривичниот суд, треба да седнат Бојан Јовановски, Зоран Милевски-Кичеец и екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, како обвинети во случајот „Рекет“.

Според обвинението, Кичеец и Боки 13 од бизнисменот Орце Камчев побарале 8 милиони евра за со амин на Јанева да го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“. Тој наводно им исплатил 1,5 милион евра, а обвинителството успеало да докаже каде завршил еден дел од парите.

Обвинетите досега имаа шанса, но не се спогодија со обвинителството. Сега, седнати на обвинителна клупа ќе имаат можност уште на првото рочиште да признаат вина и за нив судњето тука да застане, или пак да се изјаснат за невини, по што ќе следува доказната постапка.

Адвокатите на обвинетите засега не ја откриваат одбраната, но сепак не се исклучува можноста дека ќе се случат изненадувања. Се шпекулираше дека за време на истрагата, неформално, Јанева била спремна да преговара со обвинителката Вилма Русковска, но не се усогласиле околку казната.

Како можен соработник на правдата се шпекулира и со името на обвинетиот Кичеец, бидејќи обвинителката Русковска го сокри записникот од неговото сведочење во истрага од останатите обвинети и нивните бранители. Кичеец двапати беше повикан да даде исказ. Првиот пат, иако се задржал три часа, се бранел со молчење, но по неколку дена се вратил уште еднаш и прозборел. Набргу потоа, пак, беше пуштен во домашен притвор.

И тогаш почнаа да се плетат шпекулации дека наводно Кичеец решил да соработува со обвинителството.

Обвинителката Рускоска ваквата пракса ја имаше и за случајот „27 април“, каде што беше застапник на обвинението. И тогаш од адвокатите на останатите осомничени го сокри записникот на осомничениот Александар Василевски Нинџа, поради што во судница неговото сведочење беше доживеано како голем шок.

Тој се сметаше за соработник на обвинителството, бидејќи со својот исказ го поткрепи обвинението, односно во детали раскажа како се организирал упадот во Собранието. Како „награда“, од предвидени најмалку 10 години затвор, Нинџа доби најниска затворска казна, под законскиот минимум, од останатите осомничени, односно беше осуден на 8 години.

Кичеец, инаку, низ годините важи за близок соработник на Камчев, поради што и тешко се прифати предавството од страна на бизнисменот.

Од овој осомничен може да се очекува и признание на вина, бидејќи на тој начин би можел да издејствува дури и условна казна. Поточно, Кичеец се гони за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7, за што му се заканува затворска казна од 1 до 10 години. Во случај да признае вина, од доказите ќе се повлечат сите оние кои се против него, а ќе се разгледува само висината на казната. Во таков случај не се исклучува можноста да добие дури и условна казна, доколку предвид се земат сите олеснителни околности, односно ако биде осуден на 2 години, казната може да му се услови со 4 години.

Јанева е осомничена за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за што ѝ се заканува затворска казна од најмалку три години затвор. Доколку Јанева реши да соработува со обвинителството или да признае вина, судот може да и одреди затворска казна и под законскиот минимум, па доколку добие две години, да се условат за 4 години условен затвор. Сепак оваа опција е речиси невозможна, бидејќи на Јанева во случајот отежителна околност и е тоа што била специјален јавен обвинител, па затоа и нејзината одговорност е многу поголема.

Едно од очекуваните сценарија е Јанева да ја насочи сета вина кон Боки 13, и да посочи дека била злоупотребена од него, како што впрочем и се бранеше пред јавноста пред да биде уапсена.

– За жал, подолг временски период до мене допираат гласови, не дека само лицето Бојан Јовановски, туку и многу други без да знам го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели, изјави Јанева, откако јавноста дозна за аферата „Рекет“.

Нема да изненади и доколку во судница таа и понатаму се држи до оправдувањето дека комуницирала со Камчев преку посредникот Боки 13 бидејќи сакала да го врбува бизнисменот за сведок во истрагата за „Империја“. Сепак, оваа одбрана е тенка, бидејќи Камчев заедно со екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, се првоосомничени, па затоа е невозможно едниот од нив да го смени статусот во сведок. Тоа се случува, но кога некој од последно осомничените сведочи против првите во пирамидата, за нели, да се фатат големите ѕверки.

Просторот за признание се стеснува кога е во прашање осомничениот Боки 13, бидејќи во неговиот случај нема многу да му помогне. За разлика од останатите двајца осомничени, Јовановски се гони за две кривични дела, и тоа „Примање награда за противзаконито влијание“, за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години, и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за што исто така е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.

Напиши Одговор

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.